Охридска Банка Сосиете Женерал е прогласена за најдобра банка од Македонија за 2016 година од светски познатиот магазин Глобал Фајнанс кој на 15 март 2016 по дваесет и трети пат ги именуваше најдобрите банки на пазарите во развој во Централна и Источна Европа.
Уредништвото на Глобал Фајнанс врз основа на резултатите од 2015 година и согледувањата на еминентни аналитичари од областа, како и извршни директори и банкарски консултанти ја избра Охридска Банка Сосиете Женерал, Македонија за најдобра банка на пазарите во развој заедно со уште неколку банки од регионот и во уште 21 земја.
Дополнително, Глобал Фајнанс спроведе анкета меѓу своите читатели со цел да ја зголеми точноста и релевантноста на податоците. Критериумите за избор на победниците вклучуваа раст на актива, профитабилност, стратешко партнерство, корисничка услуга, конкурентност и иновативни производи.
Глобал Фајнанс е основан 1987 година и денес има тираж од над 50 илјади и читатели во 188 земји ширум светот и тоа претседатели на групации, главни извршни директори, главни финансови директори и финансиски експерти. Веб страната на магазинот (GFMag.com) изобилува со анализи и написи кои претставуваат ризница на 29 годишно искуство на интернационални финансиски пазари и претставуваат вреден извор на релевантни податоци за 192 земји. Седиштето на Глобал Фајнанс се наоѓа во Њуjорк, а има канцеларии и во Лондон и во Милано.
Наградата на Охридска Банка Сосиете Женерал за најдобра банка од Македонија на пазарите во развој во Централна и Источна Европа ќе и биде доделена на свечена церемонија на 8 октомври 2016 година во рамките на годишното собрание на ИМФ / Светска банка (IMF/World Bank) во Вашингтон, САД. Покрај тоа, од Групацијата Сосиете Женерал наградена во истата категорија е и БРД од Романија, како и неколку подружници во Африка: Алжир, Брегот на слоновата коска, Сенегал и Гвинеа кои се наградени во други категории.