Екстремно експанзивната монетарна политика не може да биде постојана состојба, повтори Јенс Вајдман уште еднаш.
Претседателот на германската централна банка Бундесбанк, Јенс Вајдман, очекува годинава посилен економски раст во Германија. Во исто време, тој предупреди за опасностите од премногу долгата фаза на ултра-агресивната монетарната политика во еврозоната.
“Од денешна гледна точка има некои индикации дека економијата доживува само привремена фаза на слабост и повторно ќе ја забрза брзината по рецесијата”, рече Вајдман во четвртокот за време на настанот во Дизелдорф. Тоа беше прв говор на Вајдман во вториот мандат како претседател на германската централна банка, пренесува Ројтерс.
Вајдман ја споменува “одличната ситуација на пазарот на трудот” и зголемувањето на приходите. Ова ќе осигури дека приватната потрошувачка ќе ја надмине својата слабост. Според банкарот веќе има знаци за тоа во германскиот сектор за трговија на мало, кој истакна силно зголемување на продажбата во првиот квартал.
Во позадината на малку оптимистичка оценка за економскиот развој Вајдман ги повтори претходните свои тврдења дека “исклучително експанзивна ориентација на монетарната политика не може да биде постојана состојба”.
Тој потврди дека оваа монетарна политика е “поврзана со ризици и несакани ефекти”.
“Ако тоа доведе до преценување на активите, на крајот може да предизвика и остри корекции на цените”, предупреди Вајдман.
Европската централна банка (ЕЦБ) ги задржува своите клучни каматни стапки на рекордно ниско ниво од 0,0% од пролетта 2016 година. Како одговор на неодамнешното забавување на економијата во еврозоната во март банката го одложи порастот на каматните стапки и сега има намера да не ги менува своите клучни каматни стапки барем до крајот на годината.
Подоцна во четвртокот, во интервју за германскиот Handelsblatt, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер се заложи за прв пат со можноста Германец да стане претседател на Европската централна банка (ЕЦБ). Гувернерот на Бундесбанк, Јенс Вајдман е “убеден Европеец и искусен централен банкар”, “погоден” за позицијата, вели Јункер во интервју за германскиот Handelsblatt. “Не го делам мислењето со делови од Јужна Европа, дека Германец не смее да стане претседател на ЕЦБ” , изјави Јункер.