Претседателот на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија М-р Нора Алити на 16 јули, 2018 година учествуваше на работниот состанок на Советот за развој на пазар на капитал што се одржа во Министерството за финансии.
Со Советот за развој на капитал претседава министерот за финансии Драган Тевдовски, можноста за воведување на краудфандинг како начин за финансирање во Македонија беше една од темите за кои се дискутираше на Советот.
Како што беше истакнато , примената на краудфандинг, односно концептот на прибирање на средства од поголем број инвеститори за финансирање на компании, ќе придонесе за поголем и полесен пристап до капитал за малите и средни претпријатија, особено за стартапите. Инаку, веќе постојат успешни примери за краудфандинг во регионот, како Хрватска, која преку естонска платформа успешно собира средства за инвестиции во проекти.
На Советот беше посочено дека краудфандингот е значаен и од аспект на тоа што друштвата кои бараат средства мора да имаат регистрирано компании, како и дека финансирањето се одвива преку банкарските канали.
Во Советот за развој на пазарот на капитал, членови се гуверенерот на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, министерката без ресор Зорица Апостолска, министерот за економија Крешник Бектеши, претседателите и директорите на регулаторните тела – на Комисијата за хартии од вредност, на Агенцијата за супревизија на осигурување, на МАПАС и на Македонска берза.