Сè поголем број германски експерти го поддржуваат потенцијалното преземање на Комерцбанк од страна на ривал, зголемувајќи го притисокот врз владата да го омекне својот став за неодамнешните напади на италијанската Уникредит. Германските банки мора да пораснат за да бидат „сигурни партнери“ за малите и средни компании, вели Кристоф Алхаус – шеф на деловното здружение Мителстанд. И додава дека „доколку во случајот со Комерцбанк, спојувањето со друга европска банка помогне во тоа, ќе го поздравиме“.
Коментарите на Алхаус ги повторуваат ставовите на извршниот директор на DZ Bank, Корнелиус Ризе, како и на познатите економисти Моника Шницер и Ларс Фелд. Сите тие велат дека преземањето од страна на UniCredit на вториот по големина германски заемодавец на листата може да биде корисно, на пример, ако се зголеми профитабилноста.
Во септември, италијанската банкарска групација ненадејно се здоби со 21% од акциите во „Комерцбанк“, чиј главен дел оди преку финансиски деривати. А генералниот директор на „Уникредит“ Андреа Орсел како опција го посочи целосното преземање на германскиот ривал, со што би се родил најголемиот германски заемодавец. Орсел го опишува својот пристап како „тест“ за тоа како да се интегрира секторот за финансиски услуги на Европската унија. Тој тврдеше дека на заедницата и требаат поголеми банки доколку сака доволно финансирање за да расте.
Сè поголем број на влијателни германски гласови досега обезбедуваат барем привремена поддршка на Орсел во услови на жестокото противење на Берлин за потенцијалниот договор. Една од причините за отпорот на германската влада е улогата на „Комерцбанк“ во финансирањето на националната економија. Берлин го критикуваше и начинот на кој Уникредит се стекна со акции.
Неколку синдикати кои го претставуваат персоналот на Комерцбанк, исто така, ветија дека ќе направат се што е можно за да го спречат секој обид на Италијанците да ја купат банката. Според еден од нив, две третини од работните места во германскиот заемодавач се загрозени доколку се изврши преземањето.
Солвентноста на Уникредит најверојатно ќе се подобри по евентуалното преземање благодарение на зголемената меѓународна диверзификација на групацијата и додавањето на повеќе канали за финансирање, забележаа аналитичарите на Мудис Фабио Лано и Марија Хозе Мори на 2 октомври.
Некои германски експерти се согласуваат со мислењето на Орсел за интеграцијата во ЕУ. „Европскиот финансиски пазар е премногу фрагментиран, а германските банки, особено, не се доволно конкурентни“, вели економистот Шницер. И додава дека „неопходна е консолидација и зголемување на продуктивноста“.