Бизнис секторот од штипските мали и средни претпријатија, но и претставници од високообразовни институции вчера беа дел од презентацијата на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), кој има отворен повик.
Тања Илиевска претставник од Фондот за иновации вели дека имаат за цел да ја поттикнат соработката меѓу компаниите, но и меѓу компаниите и научно-истражувачките институции.
– На овој повик за кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации можат да аплицираат сите микро, мали и средни претпријатија и за првпат оваа година можат да аплицираат и приватни здравствени установи. Еден од критериумите е да бидат доминантна македонска сопственост, да бидат регистрирани согласно Законот за трговски друштва, да имаат приходи до десет милиони евра годишно и бројот на вработени да не надминува од 250, вели Илиевска.
Таа додава дека за овој инструмент ова е прв повик за годинава, а втор досега. Интересот за него е исклучително голем за овој повик, кој трае до 15 мај. Илиевска забележа дека веќе имаат над 1.000 преземања на потребната документација за аплицирање. Денешната презентација се организираше од страна на Фондот за иновации, бизнис центарот на Центарот за развој на Источен плански регион и на регионалната стопанска комора-Штип.