Советот на Општина Прилеп денеска на седница донесоа одлука за формирање на ново јавно претпријатие за енергетски дејности, чија приоритетна задача ќе биде да ги подготви и спроведе сите неопходни активности за претстојната гасификација на градот.
„Јавното претпријатие „Енерго Прилеп“, ќе има задача да го подготви теренот за имплементација на гасоводот на територијата на општина Прилеп. Постапката за формирање на јавно претпријатие е подолга, во периодот кој претстои ќе имаме обврска да го подготвиме Статутот, да ја утврдиме неговата точна дејност, да се изберат органите на управување кои ќе раководат со јавното претпријатие, со цел спремни да ја дочекаме гасификацијата“, изјави претседателот на Совет на Општина Прилеп, Миле Талевски.
На денешната седница, Советот донесе одлука за измена на буџетските средства, со што за делумно обештетување на земјоделците чии земјоделски површини претрпеа штети од невремето, ќе бидат издвоени 6 милиони денари. Истовремено, советниците донесоа одлука за финансиска помош на ракометниот клуб „Прилеп“, за кој ќе бидат издвоени 1.2 милиони денари.
Прилепските советници ги изгласаа и тримесечните извештаи за финансиското работење на јавните комунални претпријатија „Комуналец“ и „Пазари“, ЈОУ Дом за стари лица „Киро Крстески-Платник“ и ЈП за ПУП. Исто така, советниците ги изгласаа одлуките за формирање паралелки со помал број на ученици, а беа изгласани согласности за Програмите за изведување на научно-наставни екскурзии во прилепските основни училишта.
На барање на граѓаните, соопшти Општината, на денешната седница членовите на прилепскиот општински Совет легализираа дваесетина бесправно изградени објекти.
Од причина што советниците побарале повеќе информации за трите точки кои се однесуваат на работењето на ЈКП „Водовод и канализација“, денешната 20-та седница била прекината, а нејзиното продолжение се очекува во текот на следните денови.