25-ти декември е крајниот рок за поднесување на барањата за субвенции за дел од органските производители. Годинава имаат на располагање финансиска поддршка во висина од 120 милиони денари. Поголемиот износ од парите се наменети за органското сточарство како и за одредени активности во производството и во тргувањето со органската храна.

До 25-ти декември се крајните рокови за поднесување на дел од барањата за директните плаќања во органското земјоделско производство.

Фармерите може да добиваат субвенции за органските производи, за нивна преработка, доработка и пакување до 10 проценти од вредноста или најмногу до 150. 000 денари по корисник.

Со 5 отсто или до 150. 000 денари се поддржува и трговијата, извозот на свежи и преработени органски производи и преодот од неорганско во органско производство.

Трошоците за стручната контрола и сертификација државата ги покрива со 50, а со 70 проценти, но не повеќе од 9. 000 денари, следуваат за анализи на својствата на почвата, откривање на остатоци од пестициди, тешки метали и други штетни материи.

Субвенција следува и за произведени и предадени градинарски и овошни култури во преработувачки капацитети.

Финансиската поддршка можат да ја добијат сите земјоделски стопанства кои имаат сертификат за органско производство за кофинансирање на трошоците за стручна контрола и за сертификацијата во висина од 50 проценти.