Приврзаноста на Германците за готовина од година во година се топи, така што во 2023 година само 51 отсто од сите плаќања биле извршени со банкноти и монети, објави во понеделникот Бундесбанката.
Централната банка во опсежна, редовна студија за навиките за плаќање на Германците рече дека тоа е за седум процентни поени помалку отколку во претходното издание од 2021 година.
Плаќањата со дебитни картички се во пораст, а нивната употреба е зголемена за пет поени, на 27 проценти. Зачестено е и плаќањето со паметни уреди, со раст од четири проценти и проширување до шест проценти од сите трансакции.
Според вредноста на плаќањата, дебитната картичка со учество од 32 отсто првпат претекнала готовина, со што биле покриени 26 отсто од прометот. Ова значи и дека луѓето плаќаат поголеми суми со картички.
Повеќе од две петтини од испитаниците, 44 отсто од нив, рекле дека претпочитаат дебитни картички за плаќање.