Продавачите кои прдоаваат крофни, пуканки, цедени сокови и други производи на било каква и да е манифестација се должни пред отпочнување на дејноста да поднесат Барање за паушално плаќање на данокот на личен доход во Управата за јавни приходи (УЈП). Маре Данкова, виш даночен референт во регионална подружница во Штип на УЈП истакна дека на транспарентен начин УЈП ги информира даночните обврзници.
-Во летниот период знаеме дека се случуваат многу настани, манифестации, концерти, а и сведоци сме дека на истите настани среќаваме продавачи на пуканки, крофни, сладоледи, кафиња и цедени сокови. Ние сме должни како УЈП да ги информираме сите лица, кои се занимаваат со дејност од повремен карактер и дека имаат обврска до УЈП, каде што се одвива дејноста да достават Барање за паушално плаќање на данокот на личен доход, вели Данкова.
Таа посочува дека секој граѓанин пред започнување на работа од времен карактер е должен Барањето да го достави во УЈП, каде барањето ќе биде обработено и ќе се утврди данок во одделението за утврдување на данок, по што се добива и Решение од времен карактер. Данкова истакна дека на лесен и едноставен начин се пополнува барањето, со наведување на матичниот број, адреса на живеење и штиклирање за работа од временски карактер.
-Доколку лицето обавува во текот на годината повеќе и во различни периоди вакви дејности, треба за секој период да достави одделни Барања. По доставувањето на барањето и добивање на решението даночниот обврзник има обврска и да го плати утвредниот данок, вели Данкова.
Инспекторите на УЈП при посета на ваквите продавачи доколку немаат поднесено барање изготвува службени белешки и ги доставува до трудовата инспекција.