И покрај Европското фудбалско првенство во Германија, домашните пивари забележаа историски ниска продажба на пиво минатата година.

Вкупната продажба паднала за 1,4 отсто во однос на 2023 година, на 8,3 милијарди литри, објави германската федерална статистичка служба, пренесува ДПА.

Ова е нов рекорд во долгорочниот пад на потрошувачката, а ни оживувањето на извозот не успеа да го подобри балансот.

Според даночните податоци, продажбата на домашниот пазар е намалена за два отсто, а извозот е зголемен за 1,6 отсто во однос на претходната година.

Во статистиката не влегуваат безалкохолните пива, кои се неоданочени и со години бележат постојан раст, пренесува Financije hr.

Од 2014 година, продажбата е намалена за 13,7 отсто, или 1,3 милијарди литри и моментално е на најниско ниво од обединувањето на Германија.

За споредба, во Хрватска, според податоците на порталот Brewers of Europe објавени минатиот февруари, годишно се пијат 79 литри пиво по жител.

Да додадеме и дека вкупниот приход на производителите на пиво во Хрватска, според Државниот завод за статистика, во 2023 година изнесувал 473.312.839 евра и бил за 67.919.414 евра поголем од претходната година.