На предлог на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владата на денешната седница донесе дополнување на уредбата за примена на Законот за земјоделското земјиште за време на вонредна состојба.

Согласно дополнувањето, како што информираат од Владата, рокот за плаќање на ланската закупнина за државно земјиште ќе биде продолжен до 31 октомври.

„Заради надминување на економските потешкотии на закупците кои ќе настанат заради вонредната состојба поради епидемијата, се продолжува рокот за плаќање на годишната закупнина за 2019 година, до 31 октомври 2020 година“, наведе Владата во соопштение по седницата.

Воедно, нема да се врши еднострано раскинување на договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост заради неплатена годишна закупнина до 31 октомври 2020 година.