Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) за дваесет дена, односно до 15 март, го продолжи рокот за аплицирање за јавниот повик за кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“ заради зголемениот интерес, особено од студенти и млади од целата држава.
Како што информираат од ФИТР, одлуката следи откако до Фондот биле испратени повеќе писмени барања од студенти и млади од целата држава за продолжување на рокот за аплицирање.
Јавниот повик е наменет за финансирање на новоосновани, микро, мали и средни претпријатија (не постари од шест години), кои имаат иновативна идеја во фаза на „потврден концепт“ со реален план за комерцијализација.
– За интересот во однос на овој инструмент за финансиска поддршка на Фондот, зборува и фактот дека досега се превземени над 750 апликациски пакети. Преку овој инструмент се обезбедува финансиска поддршка за активности на истражување и развој на „старт-ап“ и „спин-оф“ претпријатија и имплементирање на иновативни решенија, како и поддршка на претпријатија кои имаат висок потенцијал за раст. Целта на овој повик, меѓу другото е што повеќе млади луѓе своите идеи да ги преточат во бизнис, да отворат свои компании и да аплицираат, порачуваат од ФИТР.
Вкупниот буџет за повикот изнесува 1,5 милиони евра, а преку овој инструмент е предвидено кофинансирање од ФИТР најмногу до 85 отсто од вкупниот буџет за проектот, односно максимален износ од 30.000 евра. Преостанатите 15 отсто од средствата треба да бидат обезбедени од компаниите.
Во периодот до истекување на рокот за аплицирање, за домашните компании ФИТР обезбедува користење на бесплатна советодавна поддршка и техничка помош. Повеќе информации за повикот и начинот на аплицирање може да се добијат на следниот линк.