Фолксваген има „една, можеби две“ години да го реорганизира својот водечки бренд на автомобили VW, изјави во средата шефот за финансии на германскиот производител на автомобили, додека се обидува да добие поддршка од работниците за драстично намалување на трошоците што може да вклучи затворање фабрики во матичната земја.

На почетокот на неделата, менаџментот на VW објави дека повеќе не ја исклучува можноста за затворање на германските погони и отпуштање работници како дел од намалувањето на трошоците во клучниот бренд VW. Тие додадоа и дека планираат да го откажат долгогодишниот договор со претставниците на работниците во Германија, кој исклучува отпуштања до крајот на 2029 година, а е на сила од 1994 година.

Менаџерите, пишува Хина, веруваат дека брендот Фолксваген треба темелно да се реструктуира и дека сегашните напори за намалување на бројот на работници преку програми за предвремено пензионирање и отпремнини нема да бидат доволни, соопшти менаџментот, без да прецизира колку работни места во Германија. може да се исечат, ниту пак кои фабрики да се затворат.

Советот за труд рече дека највисоките функционери укажале дека најмалку една фабрика за возила и една фабрика за компоненти се непотребни.

Од нејзиното основање, компанијата нема затворено ниту една фабрика во Германија, а во светот само ја затворија фабриката во американскиот Вестморленд, уште во 1988 година.

Покрај главната фабрика во Волфсбург, VW има фабрики и во Хановер, Емден, Оснабрик, Брауншвајг, Салцгитер, Касел, Цвикау, Дрезден и Хемниц.

Пречекан со свирежи од работниците, финансискиот директор Арно Антлиц во средата во преполната сала повика на заедничка одговорност на вработените и менаџментот со цел да се намалат трошоците и брендот VW да ја „преживее“ транзицијата кон производство на електрични автомобили.

Во салата се собраа околу 16.000 работници, а 5.000 од нив преку екран го следеа говорот на Антлиц. VW вработува вкупно 120.000 работници во Германија.

Финансискиот директор на VW рече дека европскиот пазар на автомобили е намален по пандемијата и дека компанијата не може да смета на купувачи за околу 500.000 автомобили, што приближно одговара на производството на две фабрики.

„Едноставно нема пазар“, рече Антлиц на состанокот во седиштето на Фолксваген во Волфсбург.