Собранието на Република Македонија денеска треба да ја продолжи расправата по предлог измените и дополнувањата на Буџетот, во второ читање. Расправата почна вчера, а согласно собранискиот Деловник, може да трае најмногу три дена.

 

Министерот за финансии Драган Тевдовски во образложението рече дека ребалансот се базира на проекција за раст на реалниот БДП од 2,8 проценти во 2018 година, а буџетскиот дефицит е непроменет и изнесува 2,7 проценти од БДП.

„Се врши минимална корекција на приходната страна на Буџетот и приспособување на одделните делови од буџетската потрошувачка до крајот на годината. Позначајни дополнителни средства се алоцираат во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравствено осигурување и Агенцијата за вработување на Република Македонија. Со цел подобрување на фискалната позиција на општините се предвидуваат и три милијарди денари за финансиска поддршка на општините и единките корисници основани од нив, пред сѐ училишта, за да сервисираат значителен дел од нивните неизмирени обврски“, образложи пред пратениците Тевдовски.