📌Она што почна како тренд во САД некаде пролетта 2021 година, потоа се прелеа и во земјите од западна Европа, сега пристигнува и во регионов – а тоа е дека се’ поголем број вработени одлучуваат доброволно да си дадат отказ и да си бараат друго чаре.
📌Феноменот доби и неформален назив, „The Great Resignation“ или „Big Quit“ како што е најновиот термин, односно масовен број на доброволни напуштања на работното место.
📌Има повеќе причини за овој тренд, но суштината е дека пандемијата и новите околности во коишто се најдоа луѓето – карантините, намалената социјална интеракција, работата од дома – ги натера да ги преиспитуваат своите вредности, како и вредностите на компаниите за коишто работат.

И Хрватите се „заразиле“ со Great Resignation
The Great Resignation не ги погодува само САД и високо развиените западни земји, туку пополека пристигна и во регионов. Хрватскиот портал MojPosao спроведе истражување на примерок од 800 вработени во и 26 работодавци во различни сектори, при што вработените ги прашале дали во изминативе година дена повеќе размислувале за отказ одошто пред пандемијата.

Дури половина од испитаниците (51%) што во последниве година дена имале работа, во тој период си дале отказ и ја промениле работната средина. Интересно е што само нешто над една третина (36%) од нив во моментот на напуштање на актуелниот работодавец имале веќе најдено друга работа, додека остатокот, значи две третини од луѓето напуштиле работа без да имаат „план Б“. Во истиот период, дури 88% од испитаните работодавци изјавиле дека забележале зголемена стапка на одлив на работна сила од нивните компании. Откази во нешто поголема мера давале мажите (54%) одошто жените (49%). Исто така, да го напуштат работодавецот повеќе се склони оние со висока стручна спрема (51%), одошто оние со виша (46%) и средна стручна спрема (48%), како и оние испитаници со помалку години работно искуство. Имено, дури 84% од оние со една година работно искуство во последниве 12 месеци си дале отказ и само 18% од оние што имаат до 10 години работен стаж.

Во однос на периодот пред пандемијата, вработените се’ почесто размислуваат за давање отказ поради чувството на потценување и заситеност со работата, додека некогаш најважните фактори за донесување на одлуката да се замине од фирмата, како што се добивање на подобра понуда или ниска плата, сега паѓаат во втор план. Жените нешто почесто одошто мажите си даваат откази поради лошите меѓучовечки односи, додека мажите почесто ги напуштаат работодавците поради заситеност од работата, големата количина на прекувремени часови и незадоволството од менаџментот на фирмата.

Хрватите отказите ги давале најчесто поради лоши меѓучовечки односи, односно имале чувство дека фирмата недоволно ги цени. На трето место од причините се наоѓа прениската плата, потоа следи лошото влијание на работата врз здравјето, како и неможноста за професионално напредување, односно добивање на нови знаења и вештини.

Од друга страна, работодавците се уверени дека главните причини за заминувањето на вработените се кријат во ниските плати, чувството на потценување, како и подобрата понуда од страна на друг работодавец, иако оваа последна причина ја навеле само 16% од вработените што си заминале.

Зошто си заминуваат вработените?
Во однос на периодот пред пандемијата, вработените се’ почесто размислуваат за давање отказ поради чувството на потценување и заситеност со работата, додека некогаш најважните фактори за донесување на одлуката да се замине од фирмата, како што се добивање на подобра понуда или ниска плата, сега паѓаат во втор план.

Жените нешто почесто одошто мажите си даваат откази поради лошите меѓучовечки односи, додека мажите почесто ги напуштаат работодавците поради заситеност од работата, големата количина на прекувремени часови и незадоволството од менаџментот на фирмата.

Ако се набљудува степенот на образование, работниците со висока стручна спрема почесто си заминуваат поради т.н. burnout синдром, односно истоштување на работното место, како и поради лошиот менаџмент и директно надредената личност, одошто тоа го прават испитаниците со виша и средна стручна спрема.

Иако нешто повеќе од половината од испитаниците (53%) изјавиле дека пандемијата не влијаела врз нивната одлука за давање отказ, сепак голем број на луѓе (47%) токму во последниве две години почнале да размислуваат за пресврт во кариерата и тоа најмногу поради променетата ситуација во компанијата (работни услови, меѓучовечки односи, итн.)

Половина од испитаниците (50%) има намера да ја промени работата во следните година дена, а кон таа одлука нешто посклони се мажите (53%), одошто жените (48%).

Секоја втора личност за давање отказ размислува повеќе сега одошто пред две години (51%), една петтина (22%) тоа го прави подеднакво како и пред пандемијата, додека 27% од испитаниците денеска поретко размислуваат околу тоа.

MojPosao вели дека иако во претходниот период хрватските работници не ги напуштале работодавците исклучиво поради незадоволството со платата, повеќето работници новиот работодавец може да ги привлече со поголеми примања. На второ место се наоѓа имиџот на фирмата (би преминале во компанија за која сме уверени дека се грижи за вработените), а потоа следат подобрите финансиски пакети на бенефиции, флексибилно работно време, работа од дома, подобра позиција во рамките на фирмата, како и поквалитетен нефинансиски пакет на бенефиции.

Она што се наметнува како заклучок од истражувањето на MojPosao е дека The Great Resignation во Хрватска се’ уште не добил размери како во Америка, меѓутоа, дефинитивно е видливо дека вработените почнале да ги преиспитуваат, како своите, така и вредностите на компанијата и повеќе да размислуваат за тоа што е за нив подобро, одошто го правеле тоа пред две години. Лошите меѓучовечки односи, фирма која не ги цени доволно напорите на вработените, ниската плата и лошите услови за работи се она што ќе ги натера вработените да го преиспитаат својот работен однос.

Автор: Игор Петровски „Капитал“