Како што соопшти Народната банка  во февруари 2018 година, продолжува трендот на намалување на просечните каматни стапки на вкупните кредити и вкупните депозити.  Промената е минимална, при што каматните стапки на вкупните кредити и депозити се сведоа на 5,70% и 1,50%, соодветно.

 

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во февруари изнесува 4,98%, при забележан месечен пад од 0,15 п.п., додека кај просечната каматна стапка на новопримените депозити е забележан месечен раст од 0,21 п.п. и таа изнесува 1,57%.

 

 

Во февруари 2018 година, каматната стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор изнесува 5,09% и оствари минимален месечен пад од 0,03 п.п. Месечното намалување е резултат на надолните промени кај каматните стапки на сите компоненти: каматните стапки на денарските кредити без и со валутна клаузула (за 0,03 п.п., соодветно) и на каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,04 п.п.). Во споредба со февруари 2017 година, кај оваа каматна стапка е забележано намалување од 0,64 п.п.

 

 

„Каматната стапка на новите кредити одобрени на корпоративниот сектор во февруари изнесува 4,56%, што во споредба со претходниот месец претставува надолно поместување од 0,40 п.п. Притоа, месечниот пад произлегува од намалувањето на каматните стапки кај денарските кредити без валутна клаузула и кредитите во странска валута (за 0,52 п.п. и 0,22 п.п., соодветно), делумно компензирано со растот на каматната стапка на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,73 п.п.)“, соопшти НБРМ.

 

Споредено на годишна основа, оваа каматна стапка е пониска за 0,55 п.п. Во февруари годинава, кај каматната стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор е евидентирано месечно намалување од 0,05 п.п. и таа изнесува 1,72%.

 

 

Анализирано од аспект на валутната структура, падот произлегува од надолната промена кај каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула и депозитите во странска валута (за 0,02 п.п. и 0,14 п.п., соодветно), при раст на каматната стапка на денарските депозити со валутна клаузула (за 0,07 п.п.).

 

 

Во однос на февруари минатата година, кај оваа каматна стапка е забележан пад од 0,33 п.п.

 

 

Просечната каматна стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор изнесува 1,42% и бележи позначително нагорно отстапување, во споредба со претходниот месец од 0,47 п.п., пред сѐ како резултат на зголемувањето на каматните стапки кај денарските депозити со и без валутна клаузула за 0,68 и 0,46 п.п., соодветно, при минимална промена и кај депозитите одобрени во странска валута за 0,09 п.п.

 

 

На годишна основа, оваа каматна стапка е пониска за 0,11 п.п.

 

 

Во февруари 2018 година, каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата забележа незначително месечно намалување од 0,01 п.п. и изнесува 6,36%. Во однос на истиот месец минатата година е остварена надолна промена од 0,24 п.п.

 

 

Просечната каматна стапка по која биле одобрени новите кредити на домаќинствата во февруари изнесува 5,60%, што е повеќе за 0,10 п.п. во однос на каматната стапка на новоодобрените кредити во јануари 2018 година.

 

Растот главно произлегува од зголемувањето на каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула и кредитите во странска валута (за 0,30 и 0,09 п.п., соодветно), во услови кога кај каматната стапка на денарските кредити без валутна клаузула е забележано намалување (за 0,15 п.п.). Каматната стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата е пониска за 0,29 п.п. на годишно ниво.

 

 

Просечната каматна стапка на вкупните депозити на домаќинствата и натаму е на нивото од 1,47%, без промени од јули 2017 година. Споредено на годишна основа, кај оваа каматна стапка е забележано намалување за 0,16 п.п.

 

 

Во февруари, просечната каматна стапка на новопримените депозити од домаќинствата забележа месечен раст од 0,10 п.п. и изнесува 1,71%. Притоа, месечниот раст произлегува од зголемувањето на каматната стапка на депозитите во странска валута (за 0,10 п.п.), при пад на каматните стапки на денарските депозити со и без валутна клаузула (за 0,32 п.п. и 0,02 п.п., соодветно). Во однос на февруари 2017 година, оваа стапка е намалена за 0,13 п.п.