Проблематичен и доста комплициран е годинава откупот на ориз во кочанскиот регион. Наместо приход за оризарите, неодамнешното воведување на субвенцијата од 6 денари за килограм предадена арпа резултира со загуби, обвинуваат кочанските прoизводители и објаснуваат дека по најавата за субвенцијата земјоделците всушност добиле пад на откупните цени од страна на откупувачите за онолку колку што ќе добијат од државата.
Дополнително голем проблем е тоа што откупните капацитети се полни, а немаат пласман на откупеното, па оттука откупот оди или многу споро или инцидентно.
Единствен спас за излез од ваквата ситуација оризарите гледаат во откупот на ориз за стокови резерви, кој треба да започне кон средината на месецов. Од друга страна пак, субвенцијата 6 денари важи само за предадената арпа до 31ви март, годинава. Инаку, производителите на “белото злато” апелираат догодина законски да се уреди откупот на оризот слично како и кај тутунот.