Со антикризните мерки од четвртиот економски пакет најавен за следната недела, според досегашните информации, ќе бидат опфатени повеќе категории граѓани, ќе се помогне на најсиромашните со платежни картички, на компаниите за исплата на плати, но и ќе се поттикнува враќање на работа на отпуштените поради ковид пандемијата. Помош се очекува на секторите кои се директно поврзани со образовните процеси и згрижување деца во предучилишна возраст, а претходно не добиле.
– Четвртиот сет мерки ќе биде дефиниран до крајот на следната недела и ќе им биде понуден на сите чинители да видат за колкав финасиски пакет станува збор, а висината на помошта што ќе се понуди за граѓаните и стопанството е тесно поврзана со вториот ребаланс на Буџетот што се планира, најави вчера вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
За сите пакети мерки за заштита од коронавирусот беа предвидени 550 милиони евра, а досега, како што рече Битиќи, до граѓаните и стопанството се слеани околу 240 милиони евра.