Во просториите на Фондот за иновации и технолошки развој, официјално, по петти пат беа доделени Наградите за социјално претприемништво (Social Impact Award 2019) наменети за студенти и млади од Република Северна Македонија.

Најдобрите три идеи – EdiStraw, TreeBanks и CoSense – добија парична награда во висина од по 2.000 евра обезбедени од Шпаркасе Банка Македонија. Четвртиот победник „Дружење без граници” доби ваучер за посета на настан во странство од Фондот за иновации и технолошки развој. Покрај наградите, најдобрите тимови ќе добијат и бесплатно патување во Киев, кадешто ќе се сретнат со претприемачи од 16 европски земји со поддршка на Фондацијата ЕРСТЕ и Impact Hub Vienna.

„Среќни сме што Treebanks е препознаена како идеја со социјален импакт. Се радуваме што наградата од SIA Македонија дава можност да се презентираме интернационално во Киев”, вели Невен Стевчев од TreeBanks.

Шпаркасе Банка во рамки на стратегијата за општествена одговорност под платформата „Sparkasse Life”, активно ги поддржува проектите кои се насочени кон едукација, менторска поддршка и финансиско советување на младите и талентирани студенти, како и развој на нивните капацитети за водење на сопствен бизнис, потврди Владимир Кечовски, директор во Дирекцијата за мали и средни претпријатија во Шпаркасе Банка Македонија.

Тој рече дека „како дел од Ерсте и Шпаркасе Групацијата даваме поддршка за реализација на проектите кои имаат социјална компонента, ги поддржуваме младите иноватори, идните претприемачи кои имаат визија за реализација на нивните проекти, како и придонесуваме за поголема вклученост и инклузија на социјално ранливите категории“.

Фондот за иновации и технолошки развој работи на воведување на иновации во јавниот сектор. Еден таков успешен пример е реализацијата на проектот „Оброк за сите“, кој Фондот го спроведува во соработка со Министерство за труд и социјална политика и организацијата „Ајде Македонија“.

Преку овој проект, чија имплементација веќе дава позитивни резултати, оние семејства и поединци кои се најмногу засеганти имаат пристап до топол квалитетен оброк. Свесни сме за потребата од воведување иновации во општественото живеење бидејќи бенефитите ги чувствуваат сите граѓани. Фондот трета година по ред ја поддржува Програмата за социјално претприемништво, токму поради оваа причина. Ќе продолжиме да го поддржуваме социјалното претприемништво и понатаму, особено што некои од овие фирми ќе можат да прераснат во комерцијални бизниси кои понатаму ќе можат да се слушат со средства од фондот преку некои од нашите инструменти за поддршка”, вели Николина Стојанова-Трајковски од Фондот за иновации и технолошки развој.

Наградата во Република Северна Македонија е организирана од Бизнис Импакт Лаб. Повеќе информации за „Наградата за социјално претприемништво 2019.“ ќе најдете на www.socialimpactaward.mk.