Прогресивниот данок да се одложи за најмалаку пет години – вакво писмо денеска му испратија на Министерството за финансии четири најмоќни комори во земјава, Стопанската комора, Комората на Северозападна Македонија, Сојузот на стопански комори и Комората за информатичка технологија – МАСИТ. Со помош на УСАИД направиле работилници, детални анализи и анкета со дури 546 компании. Велат, од нив јасно се гледа ставот на стопанството – доколку прогресивното оданочување се реализира, во моментов би имало негативни последици врз целата бизнис заедница.
Навеле и серија аргументи, ефектот од зголемувањето на буџетските приходи ќе биде далеку помал од негативните последици врз бизнисот. Критиките дека рамниот данок не е праведно оданочување се недоволни за тој да се напушти, без да се земат предвид и позитивните ефекти, а зголемувањето на стапките ќе прати негативен сигнал и кај домашните и кај странските инвеститори. Стопанството со повисок данок ќе ја изгуби компаративна предност и имиџ на политика на ниски даноци, а прогресивното оданочиување е повеќе карактеристика кај развиените земји.
Најголем дел од компаниите во анкетата рекле дека се против прогресивниот данок.
Дури 84 отсто од испитаниците сметаат дека прагот за оданочување треба да биде над 1ооо евра, а дури една четвртина смета дека мора да биде над 3000 евра.
Коморите стојат на располагање за широка дебата со Власта во претстојниот период.
Од Министерството за финансии велат дека даночната реформа има за цел да придонесе кон градење на подобра држава и општество. „Токму затоа дебатата на оваа тема се одложува по референдумскиот преиод. Сите детали тогаш ќе и бидат презентирани на јавноста“, велат од Министерството за финансии.