Преку интервентна програма ќе се додели финансиска поддршка

Владата, на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, донела одлука преку интервентна програма да се додели финансиска поддршка по килограм на производителите на пченица кои продале пченица кај регистриран откупувач во висина од три денари по килограм предадена пченица, со оглед дека се зголемени трошоците за производство на пченица.

Поддршката на домашното производство на пченица како најзначајна стратешка култура, се наведува во соопштението од владината прес-служба, е многу значајна за да се обезбеди државата со поголема количина на жито од домашно производство, се со цел да се намали зависноста од увоз.

На седницата е донесена и одлука за зголемување на субвенциите на јачмен по хектар, со што од досегашните 6.000 денари, производителите на јачмен ќе добијат 100 процентно зголемување по хектар, и тоа на 12.000 денари.

– Оваа измена се врши поради нарушување на пазарот во производството и продажбата на јачмен за 2024 година кој изнесуваше 9 денари по килограм. За таа цел Владата донесе одлука да се интервенира и да ја покрие загубата кај производителите на јачмен. Со ова зголемување од 100 проценти, односно од 6.000 на 12.000 денари Владата директно им помага на производителите на јачмен да ја покријат загубата, стои во соопштението од Владата.