Согласно стратегијата за зацврстување на позицијата на македонскиот пазар и зголемување на пазарниот удел во сегментите на бизнис клиенти и физички лица, ПроКредит банка го прошири Управниот одбор со уште еден член, Маја Михајлова и го продолжи мандатот на еден од постоечките членови, Милан Дамчевски.

Маја Михајлова е дел од ПроКредит тимот веќе 16 години, а во последните години ја градеше својата кариера во улога на Директор за внатрешна ревизија. На новата позиција како член на Управниот одбор, Михајлова ќе биде задолжена за менаџирање на следните оддели: Управување со ризици, Оддел за спречување перење пари и финансирање тероризам, Сектор за правни работи и усогласеност со прописи и Оддел за анализа на портфолио и проценка на обезбедување.

„Ми претставува особена чест да ја преземам оваа нова улога и истовремено е голем професионален предизвик да придонесам во остварувањето на стратешките цели за развој на банката. Задоволство е да се работи во банка која одржува високо ниво на култура на ризик и тоа преку носење на избалансирани деловни одлуки, транспарентна комуникација и тим од посветени и амбициозни вработени.
Во текот на моето долгогодишно работење во банката, можам да кажам дека банката секогаш се стремела да воведе успешни и современи деловни практики во градењето на стабилен систем за управување со ризиците, и во таа насока ќе продолжи да го следи развојот на деловното работење, а секако тоа ќе придонесе кон постигнување на уште подобри резултати” – изјави Михајлова.

По две години успешна работа и постигнати значајни резултати, банката донесе одлука и за продолжување на мандатот на Милан Дамчевски кој е реизбран за член на Управниот одбор на ПроКредит Банка. Дамчевски продолжува да ја носи лидерската улога во менаџирање на Бизнис секторот, Секторот за корпоративни клиенти, Одделот за човечки ресурси, Одделот за маркетинг и Одделот за управување со средства и ликвидност.

Со најновата промена Управниот одбор на ПроКредит брои четири членови, вклучувајќи ги и Емилија Спировска и Стевче Кузмановски кои се долгогодишни членови на менаџментот на банката.