Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во коорганизација со ОБСЕ/ОДИХР денеска во Скопје ќе одржи настан на кој ќе биде промовиран Кодексот за однесување во онлајн просторот за време на изборни процеси и референдуми.

 

Како што е најавено, Кодексот е изготвен на иницијатива на Агенцијата во соработка со релевантните институции од областа – Здружението на новинари на Македонија, Македонскиот институт за медиуми, Советот за етика во медиумите, Институтот за комуникациски студии и Фондацијата Метаморфозис.

Во процесот на изготвување е користена експертска помош од ОБСЕ/ОДИХР.

На настанот ќе биде презентиран начинот на функционирање и улогата на Координативното тело за следење на почитувањето на начелата и стандардите од Кодексот и веб-страницата izborenkodeksonline.mk, наменски изработена во функција на запознавање на јавноста со Кодексот и работата на Координативното тело.

Покрај директорот на Агенцијата Зоран Трајчевски, на настанот најавени се обраќања и на министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ Килиан Вал и Виторија Занелати и Владимир Мисев од ОДИХР.

За значењето на Кодексот свои гледишта ќе споделат и претставници на неколку институции.