Природно ладно цедено сончогледово масло, намаз од афион со сончогледов путер, ладно цедено масло од бело афионово семе, охридско макало со магданос, доматно макало со лук, сецкан сушен домат, ладно цеден сок од аронија, ладно цеден сок од аронија и грозје, ладно цеден сок од аронија и јаболко, органски путер од лешник со мед и какао, кралски крем, путер од лешник и мед, органски шумски мед, органски шумски мед со полен, се само некои од македонските премиум производи што ќе бидат промовирани денеска во скопската фабрика „Био Оил“.

Палетата премиум производи опфаќа и органски чаеви, слатко од зелени смокви, гемиџиски ајвар, тартуф, балсамиран оцет од модри сливи и јаболков оцет, како и гроздов маџун, но и има и козметичка линија со повеќе видови рачно изработени природони сапуни.

-Десет мали, локални компании се здружија во алијанса за да ги направат своите производи повидливи и препознатливи. Ваквиот нивен пристап на пазарот овозможи да настапат под заеднички бренд, со заедничка дистрибуција, промоција и продажба со цел поголема присутност на производите во малопродажбата. Овој модел беше препознаен како уникатен и поддржан од швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка, вели сопственикот и управител на „Био Оил“, Александар Димитриевски.

Покрај Димитриевски кој е и иницијатор за креирање на алијансата „Премиум производи“, на настанот ќе присуствуваат и Анета Дамјановска, национален координатор во Амбасада на Швајцарија, како и претставници на ИМЕ.