Вработените во германскиот гигант „Бош“ се принудени да се подготвуваат за тешки времиња и мерки за штедење како пократко работно време и помали плати, пишува германски „Билд“.
Почнувајќи од 1 март следната година, 450 вработени во компанијата на повеќе локации во Германија ќе работат само 35 часа неделно, а соодветно на тоа ќе им се намали и платата, објави портпаролката на компанијата.
Огромното мнозинство од работната сила на „Бош“ работи во Герлинген и Штутгарт, а погодените вработени моментално имаат договори кои предвидуваат неделно работно време од 38 до 40 часа.
Компанијата неодамна го намали работното време во својата подружница Бош инженеринг, така што од октомври 2.300 вработени наместо досегашните 40 работат само 37 часа неделно, а намалени се и нивните плати.
Пред неколку дена, извршниот директор на „Бош“, Штефан Хартунг, за весникот „Штутгартер цајтунг“ изјави дека намалувањето на работното време во компанијата е праведно и претставува подобра опција од укинување на работните места.
Во претходните месеци Бош најави дека ќе укине повеќе од 7.000 работни места ширум светот, вклучително и во Германија.
Компанијата основана во 1886 година има вкупно околу 430.000 вработени ширум светот, а во Германија вработува околу 130.000 луѓе.