Просечната нето плата во технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) лани била 29 599 денари што е три проценти повеќе од просечната плата во државата, а просечниот број вработени достигнал 13 650 за разлика од 2020 година кога бил 13 014, соопшти денеска директорот на Дирекцијатата за ТИРЗ, Јован Деспотовски.

Презентирајќи ја годишната анализа за економските активности во зоните, Деспотовски информира дека вкупно исплатената државна помош за ТИРЗ лани била 731 842 688 денари, додека вкупните уплати од зоните во Буџетот изнесувале 1 958 029 059 денари од кои 167 403 585 денари данок на плати и надоместоци и 1 790 625 474 денари придонеси од задолжително социјално осигурување.

Вкупно 22 компании од ТИРЗ бележат зголемување на бројот вработувања, седум намалување, а пет се со ист број вработени. Во однос на приходите, 24 фирми евидентирале пораст, а осум пад.

-Задоволство ми е да ги презентирам бројките зашто пред овој мој мандат, поставивме јасна цел – преку новиот концепт за поттикнување инвестиции директно да се придоенсе за раст на стандардот на граѓаните. Прв пат во изминатите 15 години просечната плата во зоните ја надмина просената плата во националната економија. Растот на платите се должи на ангажманот на компаниите, веќе и има делумна промена на структурата на вработените, но се должи и на реализација на дел од новите инвестиции, на модифицирањето на мерката за креирање работни места која се врзува со одредено ниво на плати и пораст на плати, како и на можноста компаниите да користат поддршка за вештини на вработените, истакна Деспотовски на прес-конференција во Владата.

Според него, анализата покажува и дека 18 компании лани оствариле добивка, а 16 компании забележале загуби.

-Во 2020 година, добивка имале 15 компании, а со загуба работеле 18 фирми. Износот на нето добивката во 2021-ва бил 5 981 832 469 денари што е +10,86 проценти, додека во 2020-та изнесувал 5 395 836 520 денари или -23,13 отсто. Нето загубата лани била 1 623 827 245 денари или +2,26 проценти, а во 2020-та изнесувала 1 587 880 015 или +63,38 проценти, напомена Деспотовски, додавајќи дека вкупната актива во зоните лани била 102 350 007 121 денар што е раст од 7,14 отсто во споредба со 2020 година, но и пад од 2,02 процента во однос на 2019 година, рече Деспотовски.