Власта се фали дека просечната плата пораснала, но што може да се купи? Работите на терен де многу поинакви од “розовите” очила на надлежните. Сега, иако просечната плата е повисока од 2011 година, со неа можете да купите многу помалку храна, во споредба со 2011 година.

Според последните податоци од Државниот завод за статистика, просечната плата била 31.812 денари и се однесува на јули. Притоа статистичарите пресметале дека таа во однос на ланскиот јули, номинално се зголемила за 11,5 проценти, но реално, со вклучена инфлација, нејзината вредност се намалила за 3,9 проценти во однос на пред една година. Сојузот на синдикати, пак, пресмета дека сега се неопходни 48.234 денари за едно четиричлено семејство што живее во стан од 50 квадратни метри и кое нема автомобил.

Во јули, пак, за кога имаме последни податоци за просечната плата од ДЗС, Синдикалната кошница била 40.554 денари.
„Слободен печат“ направи споредба колку храна сме можеле да купиме со просечната плата во претходните години, а колку сега. Податоците покажуваат дека иако има значителен раст на платите во однос на пред 11 години, со сегашната плата може да се купи помалку леб, масло за јадење, јајца и хамбургери.

Државниот завод за статистика ја објавува статистичката публикација „Макстат избор“, во која ги анализира цените на 5 прехранбени производи – леб, масло за јадење, шеќер, јајца и хамбургер.

Според публикацијата, во периодот од 2011 година до 2020 година, цената на лебот од пченично брашно тип 500 не мрднала, односно еден килограм леб се продавал за 53,31 денари. Така, со просечната плата од 2011 година можеле да се купат 391 килограми леб, а со просечна плата од 2020 година 510 килограми. За да се види точната пресметка на статистичарите за сегашниве цени, треба да се почека некоја идна публикација, но реално ако се разгледаат цените во маркетите, може да се утврди дека сега еден килограм леб веќе достигна 100 денари, што значи дека со јулската просечна плата може да се купат 318 килограми.

Цената на маслото за јадење низ продавниците плус-минус некој денар е 130 денари за еден литар. Во 2011 година чинело 83,6 денари, а во 2020 година 68,2 денари. Така, претворена во масло за јадење, платата во 2011 година вредела 249, во 2020-та 399, а сегашната 245 литри масло за јадење.

Еден килограм шеќер кристал во 2020 година бил 55,8 денари и со тогашната просечна плата можеле да се купат 374 килограми, во 2020 година килограм се продавал за 34,42 денари, со што од плата можеле да се купат 790 килограми. Сега во продавниците веќе и нема пакување од еден килограм, но според цените на пакувањата од 900 грама, сега цените во просек се 59 денари за килограм, што значи дека платата претворена во шеќер вреди 539 килограми.

Едно јајце пред 11 години чинело 7,04 денари, преклани се продавало за 7,82 денари, а сега може да се купи за 11 денари. Со тоа, за една плата можеле да се купат 2.961 јајце, во 2020 година – 3.473 јајца, а годинава – 2.892 јајца.

Статистичарите утврдиле дека просечната цена на еден хамбургер во 2011 година била 81,85 денари, со што со просечната плата можеле да се изедат 225 хамбургери. Во 2020 година просечната цена на хамбургерот била 105,97 денари и со платата можеле да се дозволат 257 хамбургери. Сега, според љубителите на брзата храна, просечна цена на хамбургер е 180 денари, или една просечна нето-плата вреди 177,7 хамбургери.