Протест на битолските пензионери на плоштадот „Магнолија“. Бараат минималната пензија да изнесува 18 илјади денари, а од септември пензиите да се покачат линеарно по 8 илјади денари…

Со македонската химна и под мотото „Пензионерите заслужуваат пристоен живот“ на плоштадот „Магнолија“ протестот за поголема пензија го почнаа стотици луѓе од третото доба од Битола, Могила и од Новаци.

Од Иницијативниот одбор на битолските пензионери бараат линеарно зголемување на пензиите, односно по 8.000 денари плус на секоја пензија, или минимална од над 18 илјади денари.

Очајни и гневни велат дека ништо не значат најавените 6 проценти покачување од страна на Министерството за труд и социјална политика.

„Стандардот е многу висок, цените секојдневно се зголемуваат, а пензиите на некои пензионери се многу мали. Едвај си купуваат храна, а за режиски трошоци, основни лекови или бањско лекување не останува ништо“ објаснува Дано Чолаковски, пензионер од Битола и претставник на Иницијативниот одбор.

Во Македонија околу 94 илјади пензионери месецот го поминуваат со приближно 14 илјади денари.

Протестниот марш продолжи до „Офицерскиот дом“, а за 15-ти август, вторник, најавија повторен протест.