Вработените од ЈП „Македонски пошти“ денес протестираа, барајќи ја платата за септември. Тие излегоа од 11 до 11,30ч. пред вратите на подружниците во земјава, меѓу нив и во Велес. Вработените бараат редовна исплата на платата, зачувување на работните места и иднина на поштата, реформи и реорганизација на работата.

„Кај вработените има револтот поради доцнење на платата и загриженоста на вработените за иднината на Пошта и нивната егзистенција. Протестот ќе трае секој ден сè до реализација на посочените барања“, велат од Синдикатот на „Македонски пошти“.
Потсетуваат дека платата требало да се исплати до 15 во месецот, а два месеца наназад таа доцнела.

Протестот го реализираат во време на паузата, за да може непречено да се одвива работниот процес. Во овој период од 30 минути, работеше шалтер каде беа примани уплатите или исплатите на пари, како и поштенскиот сообраќај.

Од Управниот одбор на „Македонски пошти“ ги информирале вработените дека за платата секој момент ги очекуваат средствата од Владата, но не можеле да кажат точно кој ден ќе се исплати. Најавиле и дека ќе излезат пред вработените со план и стратегија за надминување на состојбите и стабилизација на работењето на јавното претпријатие.