Цените на нафтата во вторникот на меѓународните пазари се зголемија над нивото од 55 $ под влијание на проценката за остар пад на американските залихи на сурова нафта, кои можеби укажуваат дека прекумерната понуда почнува да се намалува.
На лондонскиот пазар цената на барел во однос на претходниот ден се зголеми за 54 центи на 55,46 $. На американскиот пазар се тргува по речиси непроменета цена од 52,35 $.
Аналитичарите на Ројтерс очекуваат пад на американските резерви на нафта за 2,4 милиони барели. Залихите паднаа повеќе од очекуваното минатата недела, зголемувајќи ги надежите за уште еден голем пад оваа недела.
Во фокусот на пазарот е извештајот на Американскиот институт за нафта (API), кој покажа неочекувано голем пад на залихите сурова нафта минатата недела, подгревајќи ги очекувањата дека и официјалниот извештај на американската влада ќе го потврди нивниот пад, втора недела по ред, за 2,4 милиони барели, прогнозираат аналитичарите опфатени со анкетата на Ројтерс.
Дополнително пазарот е поддржан од изјавата на рускиот министер за енергетика Александар Новак за весникот Ведомости дека Русија доколку е потребно може да продолжи да го намалува производството и во втората половина на следната година. Со тоа рускиот министер потврди дека тие се подготвени да го стават во пракса договор со ОПЕК за намалување на прекумерното производство.
Меѓу другите фактори се проценува дека нето рафинерискиот капацитетот во Азија за следната година да се зголеми за 1,5 проценти, најмногу во последните три години, што ќе резултира со зголемување на побарувачката за сурова нафта во најголемиот и најбрзо растечки пазар на нафта во светот. Во моментов, овие капацитети изнесуваат речиси 29 милиони барели дневно.