Управата за јавни приходи ги потсетува граѓаните да направат увид во Годишните даночни пријави (ДЛД ГДП), кои веќе се поставени на системот а се однесуваат за остварени приходи во 2023 година. Секој кој е регистриран на системот ППД – (ujp.gov.mk) има обврска во својот кориснички профил, најдоцна до 31.05.2024 година, да ја потврди или доколку истата не ја прикажува точната слика за износот на остварен доход и платени даноци, да ја коригира пријавата!
– По истекот на овој законски рок, потврдените и Годишните даночни пријави кои не се потврдени, ниту се коригирани ќе се сметаат за конечни, додека коригираните даночни пријави ќе треба да се одобрат од страна на службено лице од Управата за јавни приходи. Доколку службеното лице не ја одобри коригираната даночна пријава, Управата за јавни приходи ќе донесе решение за утврдување на данокот на личен доход за 2023 година – информираат од УЈП.
Кај обврзниците во чија ДЛД ГДП се појавува обврска за доплата на данок, по истекот на рокот за потврдување и коригирање, ќе се генерира налог за доплата со фолио број и истиот ќе биде содржан на третата страна во печатењето на даночна пријава (ПДФ документот).
– Обврзниците во чија ГДП се појавува повеќе платен данок, имаат можност во самата пријава да искажат барање за враќање на данокот – потенцират од УЈП и апелираат до граѓаните кои оствариле доход во земјава или странство во вид на пари, хартии од вредност, натура или друг вид на доход и се уште не се регистрирани на системот е – Даночни услуги, за да ги исполнат своите обврски за пријавување и плаќање на данок, истото да го сторат во најкраток можен рок.