На над 20.000 службеници во јавната администрација, односно во министерствата, Владата, судовите, јавните обвинителства, агенциите, фондови, но и некои општини веќе им легнуваат по 9.000 денари на сметка. Станува збор за исплати за регрес за годишниот одмор или популарното К-15 кое во државата на административците им се исплаќа за прв пат во последните 25 години. К-15 добиваат сите вработени во јавната администрација кои се опфатени со гранскиот колективен договор.
Во овој договор кој се однесува на органи на државната управа, стручните служби на Владата, судовите, јавните обвинителства, казнено – поправните и воспитно – поправните установи, државното правобранителство, општините, Градот Скопје и општините на градот Скопје, агенциите, фондовите и другите органи основани од Собранието стои дека право на регрес за годишен одмор вработениот има право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 9000 денари нето, под услов вработениот да работел најмалку шест месеци во календарската година кај работодавачот. Од УПОЗ за Фактор велат дека исплатата е почната и дека треба да заврши месецов затоа што во предизобрието нема да смее да се исплатува регресот. Оттаму велат дека за некои институции, според колективен договор, утврдено е да се исплатува висина на К-15 од 60 отсто од основица, но дека ова право се прекршува, односно и ним веќе им се исплатуваат по само 9.000 денари како регрес.
Исплатата на К-15 за јавната администрација следуваше по долгогодишни преговори меѓу Владата и синдикалците и ова за синдикатот е своевидна победа за вработените во овие сектори. Владата ги обезбеди парите со ребалансот на буџетот годинава и за таа намена ќе се потрошат 4 милиони евра. Сепак во јавноста, особено во приватниот сектор има реакции за исплатата на К-15 на административците кои сепак поголем дел од оваа пандемиска година го поминаа дома – а многумина, како што е познато, секако имаат мал обем на работа.