Во потпелистерието се случи првата регионална средба на печуркари, организирана од друштвото „Фунги Игнатиа“ од Битола. Гости имаше од Србија и Грција, а се претставија и домаќините, јавува телевизијата „Тера“.

„Прва ваква печуркарска средба во Македонија, под името „Печурките на Пелистер“. Неколку години сме поканети и одиме по овие средби кои се доста добро организирани во Србија, стекнавме искуство околу организација, стекнавме знаења околу печурките. Покрај дружење ова е и размена на искуства за печурките“ вели Љупчо Петровски, член на друштвото „Фунги Игнатиа“ од Битола.

 

 

Тој вели дека тие се прво и единствено друштво од ваков вид, но ќе работат на тоа да се формираат друштва и во други градови, а потоа да се направи во Македонија сојуз за полесна соработка со регионот.

„Времето фала богу не послужи, иако е крај на сезона за печурки. Се собраа околу 40 врсти на печурки за кратко време, се направи детерминација тука. Едно искуство за нас тука и за нашите љубители на природата и на печурките. Се надевам на богата соработка со друштвата и наредни дружења. Покрај печурките, дегустираме и храна со печурки, се дружиме“ вели Петровски.

Нивните пријатели од Србија велат дека после неколку години работа и договарања, дошле во Битола, каде ја направија првата изложба на печурки од овој крај.

„Бевме во националниот парк „Пелистер“, потоа во оној дел на Битола кој гравитира кон националиот парк. Ние сме 21 член од Србија. Го поминавме теренот, а условите за печуркарство, што се однесува до климатските услови сега се лоши, прво е доста доцна, многу е суво, доста долго време немало дожд и тоа ме потсетува на првиот перидо од оваа година кој ние го имавме во Србија кога имаше по 40-тина видови, не повеќе заради климатските услови, за на крајот да стигнеме до 200 и нешто видови во октомври, кога паднаа дождовите. Ова е исклучително поволен простор за печурки, има разновидност на билки и печурки и очекуваме во наредните години дека ќе најдеме многу повеќе видови“ вели Зоран Јеленковиќ од Сојузот на печуркари во Србија.