Британската осигурителна куќа „Адмирал груп“ соопшти дека првпат на позицијата генерален директор на компанијата ќе биде именувана жена.

Компанијата наведува дека досегашниот генерален директор Дејвид Стивенс, поради пензионирање, ќе замине од функцијата во следните 12 месеци, а негов наследник ќе биде Милена Мондини де Фокатис.

Мондини де Фокатис изјави дека е многу горда што наскоро ќе стане генерален директор на оваа „многу посебна“ компанија.

Стивенс, кој воедно е и соосновач на „Адмирал груп“, се наоѓа на директорската позиција од мај 2016 година. Идната директорка е вработена во фирмата од 2007 година.

Тој истакна дека е задоволен што има наследник кој поседува „интелигенција, искуство, како и јасна визија неопходна за преземање на таа улога“.

Вработените во компанијата сметаат дека Милена Мондини де Фокатис претставува „природен наследник и лидер на идната генерација“.