Русија го зголеми фондот за „црни денови“ за нејзината економија погодена од санкциите за 3,4 милијарди долари приходи од нафта и гас од почетокот на војната во Украина.
И покрај тоа, се ближи до првиот случај на неплаќање долгови од 1998 година, пишува Фајненшл тајмс.
Официјална Москва објави дека ќе пренасочи дополнителни 273,4 милијарди рубљи (3,4 милијарди долари) во својот фонд за „црни денови“, од кои 271,6 милијарди рубљи доаѓаат од приходите од продажбата на гас и нафта добиени во првиот квартал од оваа година, пренесува ФТ.
Дополнителните пари ќе бидат искористени, меѓу другото, за „воведување мерки насочени кон зачувување на економската стабилност во контекст на меѓународните санкции“, велат од руската влада.
Руската економија најверојатно ќе се намали за 10 отсто оваа година, според аналитичарите на ФТ.
И покрај тоа, се додава, приходите од извозот на суровини и строгата контрола на капиталот и помогнаа на официјална Москва да ја стабилизира валутата и да спречи финансиски колапс, иако се соочува со тешки санкции од западните земји и нивните сојузници.
Сепак, глобалната рејтинг куќа „Стандард и Пурс“ (S&P) викендов го намали рејтингот на Русија на „селективен банкрот“, откако официјална Москва објави дека ќе ја плати последната транша од долгот на странските обврзници во рубљи, иако тие се деноминирани во долари.
Русија ги исполнува своите обврски за доларските обврзници од почетокот на инвазијата, спротивно на очекувањата на многу инвеститори кои очекуваа санкциите и контролата на капиталот да ја вовлечат Русија во нејзиниот прв банкрот од 1998 година.
Но, минатата недела Русија требаше да плати 84 милиони долари во купони и 552 милиони долари во обврзници кои доспеваат, за кои понуди да плати во рубљи наместо во долари, откако американските власти им забранија на американските банки да вршат такви плаќања.
Официјална Москва сега има 30-дневен грејс период за доставување пари на инвеститорите пред да биде прогласен банкрот, што ќе биде тешко остварливо.
„Во моментов, не очекуваме дека инвеститорите ќе можат да ги претворат овие плаќања во рубљи во еквивалент на долар во оригиналните износи, или дека владата ќе ги конвертира овие плаќања во рок од 30 дена“, се вели во соопштението на S&P.