Во тек е јавниот повик за Мерката 112 „Помош на млади земјоделци за започнување на земјоделска дејност“ позната како мерка „Млад земјоделец“ од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).
Како што соопшти Министерството, мерката овозможува финансиска поддршка во форма на грант до 600.000 денари од прифатливите трошоци по поединечен корисник. Новина е што оваа година првпат се воведува авансна исплата на средствата во вредност од 40 проценти веднаш по потпишување на договорот.
-Повикот е отворен сега, за до крајот на годината да се обработат сите апликации од страна на Платежната агенција, со цел сите млади земјоделци кои ќе ги исполнат условите, да добијат грант. Поддршката за младите земјоделци во форма на грант подразбира исплата на неповратни средства во висина до 600.000 денари со кофинансирање од 100 проценти на вкупните одобрени трошоци. Средствата се доделуваат за период на реализација на деловниот план и се исплаќаат на годишно ниво во најмногу три рати, соопшти МЗШВ.
Појаснува дека барателот треба да е носител на земјоделско стопанство на возраст од 18 до 40 години и барањето за поддршка да е поднесено не подоцна од 18 месеци од денот на запишување на промената на носителот на земјоделско стопанство или воспоставување на новото земјоделско стопанство во Единствениот регистер на земјоделски стопанства (ЕРЗС) кој го води министерството.
Повикот е наменет за набавка на опрема за производство и преработка на земјоделски производи. Трактор и приклучна механизација не се прифатлив трошок.
-За потсетување, во Програма за рурален развој има две мерки таргетирани само за млади од 18 до 40 години: Мерка 112 „Помош на млади земјоделци за започување на земјоделска дејност“ со грант до 10.000 евра и Мерка 113 „Поддршка за поттикнување на земјоделското производство” со грант до 20.000 евра. Од 2017 година до денес, финансиска поддршка од овие две мерки искористиле вкупно 838 млади земјоделци од кои 576 млади добиле грант до 10.000 евра, а 262 млади земјоделци добиле грант до 20.000 евра, наведува МЗШВ.
Крајниот рок за доставување на барањата за повикот за мерка „Млад земјоделец“ истекува на 15 октомври 2023.