Двајца производители на автомобили PSA Peugeot и Fiat-Chrysler објавија денеска дека едногласно се согласиле да ги спојат активностите на двете групи 50/50 проценти и да формираат нова компанија со седиште во Холандија.
Со продадени 8,7 милиони возила, новиот ентитет ќе им се придружи на гигантите и ќе стане четвртиот најголем производител на автомобили во светот.
„Акционерите на двете групи ќе имаат секој по 50% од капиталот на новиот ентитет и подеднакво ќе ги споделат плодовите на ова зближување“, се вели во заедничката изјава.
Одборот на директори ќе биде составен од 11 члена, шестмина ќе ги именува Фиат-Крајслер, петмина од ПСА Пежо, а Карлос Таварес, сегашниот директор на францускиот производител ќе биде директор. Претседателот на Фиат Крајслер, Џон Елкан, ќе го преземе претседателството подоцна.
Предложеното спојување ќе создаде синергија од 3,7 милијарди евра, соопштија производителите, истакнувајќи дека нема да има фабрички кои ќе работат самостојно.
Двете групи соопштија дека новата компанија ќе може да ги исполни предизвиците за електрификација на возилата, поврзувањето и автономните возила „брзо и ефикасно“.
Споената компанија ќе може да ги сподели трошоците за развој на таа технологија со „силен акцент на истражување и развој“, се вели во соопштението. Тие исто така ќе заштедат со поголема куповна моќ.
„Двете компании имаат заедничка верба дека постои силна логика за смел и одлучен потег што ќе формира лидер во индустријата со големината, капацитетот и ресурсите за успешно искористување на можностите и ефикасно да се соочат со предизвиците во новата ера на мобилност“, се вели во соопштението.
Одобрени се тимови од двата производители за финализирање на преговорите и склучување на договорот во наредните недели.
Министерот за економија на Франција, Бруно Ле Мер, го поздрави ова планирано спојување, но рече дека земјата, која има 12 проценти удел во групата ПСА, ќе остане особено будна за задржување на индустриската инфраструктура во Франција.
Одлуката за спојување дојде пет месеци по неуспешниот обид на Фиат Крајслер да направи слично спојување со Рено.
Групата PSA ги вклучува брендовите Peugeot, кој е најголем, но и Citroen, Opel, DS и Voxal.
Забрането превземање на содржината без претходна согласност од редакцијата на БанкоМетар.мк