Рускиот претседател Владимир Путин објави дека Москва ќе го пренасочи извозот на енергија кон исток, а додека Европа се обидува да ја намали зависноста од руските енергенси, Путин возвраќа дека европските држави нема да можат веднаш да се откажат од рускиот гас, но се чини дека ја отвора вратата за плаќање на гас во евра.
Русија испорачува околу 40 отсто од природниот гас потребен за ЕУ, но западните санкции поради нападот врз Украина го погодија нејзиниот извоз на енергенси, комплицирајќи го финансирањето и логистиката на постоечкиот бизнис.
Додека ЕУ дебатира дали да воведе санкции за рускиот гас и нафта, а земјите-членки се снаоѓаат со купување на енергенси ширум светот, Кремљ воспоставува поблиски врски со Кина, најголемиот светски потрошувач на енергија, но и други азиски земји, пишува „Еурактив“.
„Таканаречените партнери од непријателските земји признаваат дека нема да можат да се справат без руските енергетски ресурси, вклучително, на пример, природниот гас“, рече Путин на владина седница минатата недела, додавајќи дека во моментот Европа нема рационална замена за рускиот гас.
Путин рече и дека Европа, најавувајќи прекин на испораките на енергија од Русија, ги зголемува цените и го дестабилизира пазарот. Тој додаде дека Русија, која произведува една десетина од светската нафта и една петтина од достапниот гас, ќе има потреба од нова инфраструктура за извоз, па нареди на владата до 1-ви јуни да претстави план кој вклучува проширување на инфраструктурата во африканските земји, Латинска Америка и азиско-пацифичкиот регион.
Но, од друга страна, сепак се чини дека Русија ја отвора вратата за можноста и натаму да се плаќа во евра. Имено, таа земја доживеа нагло опаѓање на производството на нафта, нејзиниот клучен извор на приход, поради тешкотиите со плаќањето. Водечките светски трговски компании планираат веќе на 15. мај да го намалат купувањето на сурова нафта и гориво од руските државни нафтени компании, за да избегнат кршење на санкциите на ЕУ кон Русија.
Затоа, Путин, според австриската новинска агенција АПА, му рекол на австрискиот канцелар Карл Нехамер дека Австрија сепак може да плаќа за руски гас во евра.