Руските власти не ги избркаа западните компании од земјата и повеќето американски и европски компании се уште работат на рускиот пазар, изјави во средата рускиот претседател Владимир Путин на инвестицискиот форум „Русија повикува“.
„Никого не избркавме и не изнудивме од нашиот пазар“, рече Путин и додаде дека „и покрај политичкиот притисок, многу партнери, вклучително и оние од Западна Европа и САД, останаа на рускиот пазар“, пренесува Тасс.
Тој наведе дека приближно половина од тие компании продолжуваат да работат во претходниот режим, некои го префрлиле управувањето на поединци и фирми што им се подредени, четвртина ја напуштиле Русија и посочи дека некои компании најавуваат повлекување од руската економија.
Путин оцени дека проблемите со кои се соочуваат економиите во Европа се главно резултат на раскинувањето со Русија, особено поради откажувањето од руските енергетски испораки, кои ги имале по „разумни цени“.