Загриженоста околу глобалната рецесија и потенцијално новите ограничувања поради ковид во Кина ги надминаа по интензитет упорните проблеми на страната на понудата. Изгледите за глобална рецесија за којашто се очекува дека ќе ѝ наштети на побарувачката за енергија и понатаму доминираат со пазарното расположение, но истовремено пазарот и понатаму е нервозен поради плановите на западните земји да ги ограничат цените на руската нафта, а претседателот Путин предупредува дека понатамошните санкции би довеле до „катастрофални“ последици на глобалниот енергетски пазар.

Зад нас е уште една волатилна седмица на стоковите берзи. Почетокот на неделата беше продолжение на претходната, така што доминираше речиси панична распродажба на скоро сите стоки, од коишто голем број паднаа и под ценовните нивоа од пред почетокот на војната во Украина, а се’ во контекст на стравот од рецесија. Згора на се’, рестриктивната монетарна политика на централните банки, како и стравот од нов локдаун во Кина и поврзаниот со тоа пад на побарувачката, ги натера инвеститорите да ја намалат својата изложеност на берзите и да го земат профитот додека можат.

Цената на нафтата падна на 100 долари за барел, а доларот речиси се изедначи со еврото. Меѓутоа, откако таргетираните нивоа за техничка корекција беа достигнати, крајот на неделата донесе пресврт, па цените на сите стоки значително пораснаа, а трендот продолжи и во понеделникот утрото. (овој текст е подготвуван во понеделник попладне, н.з.) Силната меѓународна побарувачка за земјоделски стоки го надмина стравот од рецесија и цените на сојата, пченката и пченицата пораснаа, како и на енергијата. Геополитичката ситуација и понатаму е непроменета, и како таква исто така е фактор што влијае на движењето на цените на стоките.

Пазарот на акции и американскиот индекс S&P500 имаа најлошо полугодие уште од 1970-те наваму, а индексот Dow Jones уште од 1962. Стравот од рецесија го стори своето, но оваа рецесија ако до неа дојде нема да биде како во 2008-та, предизвикана од финансиска криза. Во САД потенцијалната рецесија можеби би била повеќе рецесија на синџирите на набавка, затоа што нивната економија во моментов е прилично силна. Освен тоа, САД би можеле да го укинат данокот на 10 милијарди долари вредна кинеска стока, воведен уште во време на Трамп, што би помогнало да се ублажи инфлацијата и да се поттикне економската активност во Кина. Се чини како win-win ако притоа се занемари трговскиот дефицит помеѓу двете земји – што претходно беше и повод за воведување на царините на увоз на поедини стоки.

БРИК земјите градат алтернативна економија – продожението на текстот прочитајте го во Капитал.мк