Новиот германски Закон за доселување квалификувани работници е во сила само неколку дена, од 1 март. Само изминатиот викенд една германска фирма за вработување во Нови Сад ангажирала 29 луѓе.
„Од понеделникот Паул Штрулер е повторно во Германија. Прокуристот на фирмата за вработување работници „Минтајм хјуман рисорсис д.о.о.“ викендот го поминал во Србија. Од октомври оваа фирма има канцеларија во Нови Сад. Во саботата таму е одржан втор информативен разговор. Како и првиот пат, дошле околу 50 лица кои фирмата ги повикала преку оваа канцеларија. На крајот останале 29 кои, како што сега стојат работите, ќе добијат работа во Германија. Заднина на сето ова е првенствено Законот за доселување квалификувана работна сила кој е во сила од 1 март и ја олеснува миграцијата на луѓе од земји надвор од ЕУ.“
Германскиот весник Лампертхајмер цајтунг пишува дека фирмата „Минтајм“ секојдневно чувствува недостиг од квалификувани работници. „Тоа е причина поради која отидовме во странство“, објаснува Штрулер. Пред седум години, оваа фирма од Дармштат ја отворила својата прва филијала во Шпанија. Сега размислува за отворање нови канцеларии на Косово и во Литванија. Минатата година „регрутирала“ околу 50 странски работници, оваа година ќе ги има околу 100, вели Штрулер.
„Тој додава дека потребата од квалификувани работници е толкава што од 150 до 170 работници за привремена работа, колку што ги има ’Минтајм’ на договор, секоја година една третина од нив преминува во стален работен однос. Така, во Хесен, според информациите од Индустриската и трговска комора ИХК, моментно недостигаат 28.000 квалификувани работници, а ширум земјата, според Сојузната агенција за труд, се бараат преку еден милион, само во негувателската бранша недостигаат околу 25 до 30 илјади луѓе. Некои клиники веќе си ги преземаат една на друга вработените со премија за премин во новиот тим, која се движи и до 5.000 евра“, пишува весникот.
Кога станува збор за занаетчиски дејности, Занаетчиската комора пренесува дека во ниедна бранша нема доволно луѓе. „Потребата од работници е огромна во куќната техника, погоните за производство на животни продукти и во здравството и градежништвото“, наведува претседателот на Занаетчиската комора, Бернд Ехигер.
Помош во првите шест месеци
Кандидатите од Нови Сад доаѓаат од медицински професии, пишува Лампертхајмер цајтунг – од лекари па се` до негуватели или физиотерапевти. Тука се и возачи на автобуси и камиони, столари, хемичари, мехатроничари, инженери за машиноградба и логистика. Работниците од земјите надвор од ЕУ, поради компликуваните прописи, не можат да бидат ангажирани во фирми кои позајмуваат работници на одредено време, па „Минтајм“ за нив бара само работа на регуларниот пазар на работна сила.
Германските претпријатија на „Минтајм“ му пријавуваат кои работни места сакаат да ги пополнат, а оваа фирма бара адекватни работници. „Тие најчесто добиваат цврсти договори“, вели Штрулер. А „Минтајм“ ги презема сите потребни административни работи, собира документи, свидетелства и дипломи, потврди за завршени курсеви по германски јазик и на крајот поднесува барање за виза во германскиот конзулат.
Во текот на првите шест месеци во Германија, фирмата им помага на дојденците на пример во барање стан или отворање тековна сметка. „Законот има повеќе од 130 страници. Барањата се комплексни“, а кон тоа треба да се додадат и прописите од земјите на потекло. На претпријатијата не им се исплаќа самите да ги средуваат сите тие работи. Уве Фетерлајн, главен директор на ИХК, вели дека „на секое трето претпријатие му се потребни поддршка и повеќе информации.“
Процедура – за секој поединечно
Тоа се покажало и на информативниот состанок од почетокот на овој текст. За успех е најважно на надлежните места да се нагажира доволно персонал, за процедурата за секој да може да се заврши без застој, додава Дирк Видух, директор на Здружението на претпријатија од јужен Хесен.