На иницијатива на Народната банка ќе се подготвува Национална стратегија за поддршка на развојот на финтек-секторот кај нас. Заради нејзино успешно спроведување ќе се преземат и низа нови, заеднички активности на финансиските регулатори за овозможување поддршка на давателите на финансиски услуги, со цел тие да можат соодветно, без ризици да воведуваат и да применуваат иновации во нашиот финансиски систем. Оттука, веќе се презедоа повеќе конкретни чекори, од кои еден е и неодамна отворената Порта за иновации. Преку неа, повеќе компании веќе контактираа со Народната банка во врска со развојот и примената на иновациите во областа на финансиските услуги и производи. Ова беше кажано на почетокот на Работилницата посветена на финансиските технологии, којашто денес ја организира Народната банка, со поддршка од Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ).
Со свое поздравно обраќање, работилницата ја отвори гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска. „Бројните можности коишто ги нудат финансиските технологии можат значајно да придонесат за намалување на трошоците за корисниците на финансиските услуги, како и за зголемување на ефикасноста и конкурентноста на давателите на овие услуги. Особено важно е што ќе овозможат и поголем спектар на финансиски услуги кај нас и ќе можат да придонесат за полесен пристап на граѓаните и корпоративниот сектор до услугите. Придобивките за нашата економија би биле многу значајни, иако целосното исползување на придобивките од финансиските иновации не е краткотраен процес.“ – посочи таа.
Притоа, гувернерката истакна дека примената на иновации и ползувањето на технолошкиот напредок во финансиската сфера може да придонесе за остварување посилен економски раст и за негова поголема инклузивност, со што би забрзал и процесот на реална конвергенција на нашата економија со европската.
„За малите економии, како што е нашата, финансиските иновации можат да имаат важна улога и во олеснувањето на трговската интеграција. Посоодветните и поевтини инструменти за дигитални плаќања можат да претставуваат основа за олеснување на процесот на прекугранична трговија, вклучително и за побрз развој на електронската трговија. Постои широк консензус дека малите економии не може да бидат побогати без да се зголеми нивниот извоз и без да се продлабочи нивната интеграција во меѓународните економски текови. Со активностите за поддршка на развојот на финтек-секторот кај нас ќе се поддржат и забрзувањето на нашиот извоз и нашата поголема интегрираност во меѓународната економија“ – кажа Ангеловска-Бежоска, по што се осврна и на предизвиците коишто финансиските иновации ги носат за финансиските регулатори.
Работилницата ја води меѓународниот експерт од оваа област, Џеј Тикам. На неа учествуваат претставници на сите регулатори на нашиот финансиски систем. Предвидено е преку интерактивна заедничка работа во групи, тие денес да анализираат повеќе важни прашања коишто би требало да бидат опфатени со Националната стратегија. Меѓу другото, на работилницата, акцентот ќе биде ставен и на спроведувањето на најдобрите меѓународни практики во оваа сфера, вклучително и во делот на регулативата и супервизијата. Истовремено, одделно внимание ќе биде посветено и на утврдување на активностите за натамошното јакнење на капацитетите кај нас, заради постојано следење на трендовите во сферата на финансиските иновации и подготвеност да се одговори на предизвиците, како и да се искористат придобивките за економијата.
Оваа работилница е дел и од активностите коишто Народната банка ги спроведува во овој период во согласност со подготовката на новата законска регулатива за платежни услуги којашто ќе создаде услови за поголема конкуренција и подобри услуги за граѓаните и корпоративниот сектор во делот на платежните услуги. По одржувањето на денешниот настан, ЕФСЕ ќе ѝ дава поддршка на Народната банка и во натамошните активности за подготовка на Националната стратегија за поддршка на развојот на финтек-секторот.
Во изминатиот период, овој значаен фонд поддржа и низа други проекти во централнобанкарското работење кај нас.