Сојузот на синдикати на Македонија веднаш со барања од новата Влада. Оттаму велат дека премиерот Мицкоски треба во првите 100 дена минималната плата да ја направи на 450 евра, а како извор посочуваат дека откако платите на функционерите пораснаа 78 отсто. Мицкоски пак, дециден, „да ги пуштиме нозете колку што е долга чергата“.

Старите проблеми ја затекнаа и новата власт. И покрај тоа што минималната плата растеше во континуитет од 8.000 до 20.000 денари, тие бараат ново зголемување на минималната плата на 450 евра околу 27.500 денари во денарска противвредност.

Мицкоски им одговори на синдикатите

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека претходното раководство од СДСМ и ДУИ ја уништило државната каса и затоа треба да ги пуштиме нозете колку што ни е долга чергата. И покрај тоа од ССМ се децидни и предупредуваат дека трошоците за живот растат и работниците едвај преживуваат.

Работодавачите против ново покачување на минималецот

Работодавачите, пак, децидни – нема простор за вонредно покачување на минималецот без притоа да се создаде урамниловка. Повикуваат да се почитува законот, а минималецот да расте според трошоците за живот и просечната плата.

„Сметам дека секое покачување на минимална плата надвор од овие предизвици предизвикува еден вид урамноловка помеѓу неколку категории работници и дестимулација на добрите работници“, изјави Ангел Димитров, Организација на работодавачи на Македонија.

СДСМ со поддршка за ССМ

Од СДСМ го поддржаа барањето на ССМ за раст на минималната плата и побараа од Владата ова прашање да è биде приоритет.

„Не станува збор за тоа колку е долга чергата, туку колку покачувањето на минималната плата е приоритет за оваа Влада. СДСМ обезбедуваше пари за плати во време на најголемите економски и здравствени кризи. ВМРО-ДПМНЕ единствено бара изговори за да ја смени политиката на покачување на платите“, велат од СДСМ.

Се огласија од владејачката ВМРО-ДПМНЕ

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека наследиле катастрофална ситуација. Патем, партијата во програмата повеќе се осврна на приватниот сектор.

Минимална синдикална кошничка

Прашањето за минималецот ќе се разгледува на следниот Социо-економскиот совет.

Вредноста на минималната синдикална кошничка надмина 1.000 евра, велат синдикатите.

Најмногу пари се трошат за храна и пијалаци, односно над 22.000 денари, пари што граѓаните се помалку ги имаат.