Горан Рафајловски од Стопанската комора на Македонија посредно одговара на прашањето дали Богов заслужува втор мандат. Тој вели дека освен одржувањето на стабилноста на денарот, Народната банка во наредниот период треба да даде сериозен поттик на банките за долгорочно кредитирање на капитални објекти и за намалување на камата за такви кредити.
„Тоа е правецот во кој наредниот гувернер треба да оди. И, што помалку купување на државни обврзници, освен ако не се потребни за интервенција и за заштита на стабилноста на курсот на денарот. Или, што помалку помагање на која било влада на Република Македонија“, дециден е Рафајловски.
„Народна банка може да купува државни обврзници само во исклучителна ситуација, ако се доведе во прашање стабилноста на економијата, но не и во ситуација кога на Владата и требаат краткорочни средства за да покрива свои дупки, кои не е во состојба да ги обезбеди“, вели Рафајловски додавајќи дека . во ваков случај паѓа министерот за финансии. Такви проблеми, смета тој, не треба да решава гувернерот, ако сакаме да имаме сериозно независен гувернер.
„Досега имавме само банкари за гувернери. Мислам дека сега треба да имаме сериозен економист за гувернер, ако интенцијата е да се помогне на стопанството. Таков е случајот со САД, каде економисти се гувернери. Без разлика што ќе изгуби некое време да ги научи протоколите. Секој гувернер досега ги чуваше банките како заштитени мечки. Приоритет беше да се заштитат банките, без разлика на стопанството. Јас мислам дека таа програма треба некако да запре“, ни изјави Рафајловски.
Тој смета дека сега треба да се искористи потенцијалот на банките и да се помогне на стопанството, без при тоа да се уништат тие.
„Тоа е еден од начините кој ќе не однесе кон толку посакуваниот раст од над 5 проценти. Едноставната математика вели – ако Македонија зема за автопатишта 30-годишен кредит со 10 годишен грејс период, како јас би направил фабричка хала со сите машини, со кредит што ќе го отплатувам 10 години, со вклучен грејс период? Фирмите имаат повеќе пари од државата?“, прашува Рафајловски. Смета дека Народна банка треба да најде начин, дали преку девизните резерви, дали преку штедните влогови, или на друг начин, да бидат овозможени кредити со подолг рок на отплата.