И идната година голем број од таканаречените рамковни вработени ќе седат дома, а ќе земаат плата. Така барем може да се заклучи од предложениот буџет. Во него е предвидено дека во 2020 година во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците ќе бидат вработени 1.517 лица, што е само за двајца помалку од бројот на вработени во тоа министерство, 1.519, колку што се наведени во ребалансот на буџетот за оваа година, анализира Фактор.
А ако се погледне првичниот буџет за годинава, ќе се види дека бројот на вработени тогаш бил поголем и изнесувал 1.699 лица.
Новото Министерство за политички систем е практично замена за досегашниот Секретаријат за рамковен договор, на чие чело стоеше Хазби Лика. Тој згасна, а неговата опрема и документацијата ги презеде Министерството за политички систем, заедно со големиот број рамковни вработени, кои веќе цела деценија не одат на работа, но на нивните трансакциски сметки легнува плата од буџетот на државата. Министер за политички систем, но и вицепремиер, во моментов е Садула Дураки, кој на таа позиција дојде од Министерството за животна средина.