Раскинат е договорот со компанијата Енергоинвест за изградба на далноводот до Албанија
Акционерското здружение МЕПСО го раскина договорот со „Енергоинвест“ ДОО Сараево, Босна и Херцеговина, за изградба на 400 киловолтен далновод од Битола до границата со Албанија. Раскинувањето на договоро е затоа што не биле исполнети обврските на договорната компанија, а имало барања за дополнителни плаќања, со оправдување за значително зголемување на трошоците за материјали и услуги.
„Договорот со “ Енергоинвест” ДОО Сараево, Босна и Херцеговина, беше склучен на 7 февруари 2020 година, со рок за завршување од 30 месеци. Рокот истече на 30.05.2023 година. Треба да се истакне дека во овој период, изведувачот неколку пати го напушташе градилиштето, барајќи дополнително плаќање, што беше одбиено од АД МЕПСО заради типот на договорот, клуч на рака. И покрај повеќекратните напори на АД МЕПСО за усогласување и преговарање, договор не беше постигнат. Затоа, АД МЕПСО ја донесе неопходната одлука за раскинување на договорот“.
• Ја укинавме зделката бидејќи компанијата постојано бараше пари
• Компанијата одбиваше преговори
Од почетокот на проектот до сега поставени се 24 од вкупно 269 планирани темели, односно 8,9%, додека 51% од опремата е испорачана.
Проектот за реализација на 400 киловолтниот далновод кој започнува од трафостаницата во Битола и ги поврзува електропреносните системи на Македонија и Албанија е склучен во рамките на проектот Коридор 8 во вредност од 17,2 милиони евра. Проектот предвидуваше зајакнување на енергетската стабилност, а земјава требаше да стане дел од преносната врска на електрична енергија од Бугарија, преку Албанија и Италија. Од МЕПСО потенцираат дека се започнати подготовките за продолжување на проектот, а во меѓувреме ќе биде покрената нова тендерска постапка според упатствата на Европската банка за обнова и развој за избор на новиот изведувач, кој ќе продолжи со изградбата.