Германската економија изненадувачки бележи пад во вториот квартал од годинава. Особено се намалени инвестициите во машини и згради. Ова значи дека Германија заостанува зад другите големи земји на ЕУ.
Германската економија во вториот квартал изненадувачки се намали, бруто домашниот производ падна за 0,1 отсто од април до јуни во однос на претходниот квартал, како што објави денеска Сојузниот завод за статистика. Особено се намалени инвестициите во опрема, како што се машини и згради. „Неочекуваниот пад на бруто домашниот производ од 0,1 отсто во вториот квартал уште еднаш покажува дека не може да стане збор за значителен економски подем во Германија“, оцени Јерг Кремер, економски шеф на Комерцбанк. Експертите анкетирани од новинската агенција Ројтерс претходно очекуваа минимален раст на БДП од 0,1 отсто – по 0,2 отсто на почетокот на годината.
Еврозоната расте побрзо од очекуваното
Германија значи уште на почетокот на годината заостануваше зад просекот во ЕУ, а сега продолжува да каска зад него. Зашто, целата еврозона забележа изненадувачки силен раст во вториот квартал – и покрај слабоста во Германија: економијата во еврозоната порасна за 0,3 отсто во споредба со првиот квартал, како што објави денеска Службата за статистика на ЕУ, Евростат. Економистите анкетирани од Ројтерс очекуваа зголемување од само 0,2 отсто Движечки сили за европската економија беа другите земји: Шпанија и Ирска, на пример, со зголемување од 0,8 и 1,2 отсто. Економски раст од 0,3 проценти оствари и Франција.
Показателите укажуваа на неуспешен почеток
Германската економија, од друга страна, едноставно не се помрднува од место, конјунктурата во најголемата европска економија стагнира долго време: постојана се наоѓа околу нултата линија од пролетта 2022 година, подем изгледа сосема поинаку. „Основните причини се тешките фактори поврзани со локацијата и несигурната економска политика. Постојаното опаѓање на нарачките во индустријата не е случајно, тоа ги загрозува и работните места“, вели Александар Кригер, главен економист во приватната банка Хаук Ауфхојзер Лампе.
Ветар во лице германската економија има доволно: Кина го загуби импулсот како двигател на растот на светските пазари, а бројот на банкроти на компании се зголемува во земјата. Почетното намалување на каматната стапка од страна на Европската централна банка во јуни сè уште не донесе никакво значително подобрување за германската економија.
Многу економисти всушност очекуваа подем во втората половина од годината. Сепак, дури и пред да се објават бројките за БДП, економските барометри укажуваа на неуспешен почеток на втората половина од годината: индексот на деловната клима на Ифо – кој се смета за најважен водечки индикатор за најголемата европска економија – во јули падна трет месец во ред. „Германската економија е цврсто заглавена во криза“, изјави претседателот на Ифо, Клеменс Фуест.
„Пакет за раст“ од сојузната влада
Со цел да ја стимулира економијата, германската влада неодамна ги одобри првите делови од пакетот за зајакнување на земјата како деловна локација. Опциите за амортизација, меѓу другото, се прошируваат за да им се даде поттик на компаниите да инвестираат. Владата во наредните недели и месеци сака да иницира дополнителни мерки за економско зајакнување на земјата. Сите заедно треба да обезбедат дополнителен стимул за раст од околу половина процентен поен следната година. Тоа би било дополнително економско производство од 26 милијарди евра.
Шефицата на Економскиот владин совет, Моника Шницер смета дека сите овие мерки тешко би можеле да постигнат поголем раст од 0,5 отсто на краток рок: тоа е „не многу реално“. Претседателот на истражувачкиот институт ИфВ, Мориц Шуларик, зборува за „пакетче за раст“ чии стимули веројатно ќе останат мали: „Генерално, тоа е продолжување на ситуацијата, а не почеток на промена на времињата или на раст.”
Лошата прогноза на ММФ
Меѓународниот монетарен фонд има слична песимистичка оценка за економската ситуација во земјата и предвидува дека во Германија економијата оваа година ќе порасне само за 0,2 отсто – најслаба стапка од сите водечки западни индустриски развиени земји од Г7. За споредба: ММФ очекува глобалната економија да порасне за 3,2 отсто. За Германија како економска локација одамна се води дебата.