Извозот на стоки од Македонија во првите шест месеци од годината бележи раст од 26,5 проценти. Според податоците на Државниот завод за статистика, вредноста на извезената стока за периодот јануари-јуни 2018 година изнесува 3.323.298 илјади американски долари.
Вредноста на увезената стока во првото полугодие изнесува 4.441.172 илјади американски долари и бележи раст од 24 проценти.
Трговскиот дефицит, во периодот јануари – јуни 2018 година, е 1.117.874 илјади американски долари. Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – јуни 2018 година, изнесува 74.9 проценти.
Најмногу се извезувало катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетови на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, делови на седишта и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица.
Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.
Според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.