За првпат по период од шест последователни квартали, цената на становите во Скопје се зголемила на крајот од 2017 година. Во четвртиот квартал цените на становите, мерени преку хедоничкиот индекс, забележале годишен раст од 3,5%. Според Кварталниот извештај на Народната банка, нагорното поместување на вредноста на овие недвижности не довело до позначајни промени кај понудата и побарувачката за станови, со кои би можело да се објасни ова позитивно поместување. На страната на побарувачката, и во четвртиот квартал од 2017 година продолжил солидниот раст на станбените кредити.

 

Од спротивната страна, по значителното зголемување на понудата на изградени станови во претходните три години, во текот на 2017 година е регистрирано значително забавување на прирастот на нови станови. Од Народната банка посочуваат дека во првите три квартали се јавил значителен збирен пад на изградбата на станбени згради и на издадените одобренија за градење. „Показателите за понудата на недвижности и натаму упатуваат на потенцијално стабилизирање на растот на понудата на недвижности“ се наведува во Кварталниот извештај на НБРМ.

 

Хедоничкиот индекс на цените на становите во Скопје е изготвен од НБРМ врз основа на огласите за продажба во главниот град, кои се објавени од агенциите што се занимаваат со промет со недвижности.