Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) даде високи оценки за монетарната политика, финансискиот и надворешниот сектор, девизниот курс, како и за квалитетот на податоците, коишто се во рамки на надлежностите на Народната банка, а кои се предуслов за квалификување за Кредитната линија за претпазливост и ликвидност (ПЛЛ).
Првиот преглед врз основа на инструментот ПЛЛ е завршен успешно, при што е оценето дека е зачувана стабилноста на јавните финансии, намалени се енергетските субвенции, како и дека е стабилизирана инфлацијата.
Како што соопшти НМ, во извештајот на Мисијата на ММФ се наведува дека промените на монетарната политика, преку зголемување на основната камата и други мерки, заедно со намалувањето на цените на светско ниво, придонесоа кон намалување на инфлацијата. Инфлациските очекувања се зацврстени, а девизниот пазар е стабилен. И покрај кризите, стабилноста на банкарскиот сектор продолжи да се зголемува, додека растот на депозитите и кредитите постепено се враќа на предкризните нивоа.
Во Извештајот на Мисијата се наведува дека инфлацијата постепено се намалува и дека се очекува таа да продолжи во истата насока, стремејќи се да се врати на ниските стапки од претходно.
– Сепак, ризиците и натаму се присутни. Во овој контекст, централната банка треба да биде подготвена, доколку се остварат ризиците, да реагира преку затегнување на монетарна политика – наведуваат од ММФ.
Мисијата оценува дека банкарскиот сектор е соодветно капитализиран, со понатамошен раст на адекватноста на капиталот и историски најниско ниво на нефункционалните кредити од 2,9%.
„Се наведува дека поради глобалното монетарно затегнување, Народната банка засилено ги следи ризиците, забележувајќи напредок во однос на спроведените стрес-тестови. Како резултат на монетарното затегнување, растот на депозитите и кредитите се нормализира на преткризното ниво, со раст на депозитите од 8,9% и на кредитите за 5,8% на годишна основа во септември. Како резултат на макропрудентната политика и мерките преземени од страна на Народната банка, се забележува стабилизирање на пазарот на недвижности. Мисијата посочува дека макропрудентната рамка во текот на минатата година е зајакната со усвојување на Стратегијата за спроведување на макропрудентната политика, како и усвојувањето на Законот за решавање на банки“н се наведува во соопштението.
ММФ го потенцираше и значењето на независноста на централната банка за успешно остварување на нејзините законски цели.
ММФ, во рамки на инструментот, на земјата ѝ доделува 161,35 милиони специјални права на влечење или околу 200 милиони евра. Инаку, ММФ го доделува инструментот ПЛЛ на земји со стабилни економски основи.